Програмски Начела

ПРОГРАМА – ВОНРЕДНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2020
 СИЛАТА КАЈ НАРОДОТ!

Нашата мисија

Да ја вратиме СИЛАТА КАЈ НАРОДОТ!

Јас проф. Др. Солза Грчева, Претседател на Глас за Македонија:

  • Ви ветувам дека сè што е направено незаконски, со кршење на Уставот, законите, меѓународното право и конвенциите, со кршење на волјата на народот мора да се поништи
  • Преспанскиот договор, донесен на ваков начин ќе биде раскинат, а АСНОМ ќе го вратиме во Уставот
  • Ви ветувам битка за запишување на државата под името: „Република Македонија“ во ОН
  • Ви ветувам жестока борба и системско спречување на корупцијата
  • Криминалците зад решетки, парите назад во народната каса
  • Ви ветувам дека нема да има партиски институции, туку институции кои ќе му служат на јавниот интерес
  • Ви ветувам заштита на државните, а не на партиските интереси
  • Ви ветувам правна држава и правда за сите
  • Ви ветувам државна ревизија која ќе ги испита од почеток криминалната приватизација и денационализација
  • Ви ветувам дека вашиот глас ќе се слуша постојано, а не само на избори
  • Ви ветувам силна национална економија, одлична инфраструктура и целосно гасифицирана држава
  • Ви ветувам домаќинско работење
  • Ви ветувам сериозно и достоинствено образование, здравство и култура
  • Ви ветувам дека набргу ќе станеме моќни производители на храна и посакувана туристичка дестинација
  • Ви ветувам чиста и безбедна животна средина
  • Ви ветувам држава од која нема да сакаме да избегаме со првиот автобус
  • Ви ветувам СУВЕРЕНА државa

Зад нас се години, полни со искушенија и падови. Уште во формирањето на партијата реков дека „глас“ повеќе означува крик за сите случувања во државата веќе 30 години, а во дадениов политички момент е и платформа за обединување и ширење на вистината и љубовта кон модерна и напредна Македонија.

Глас за Македонија, е во основа анти корупциска партија. Сметаме дека се лошо што ни ни се случуваше и случува, е резултат од две работи: од безмилосен грабеж на народот и од незнаење. Нашата борба и системско спречување на  огромната корупција ќе биде жестока, неселективна и без остаток. Ние тој процес ќе го тераме до крај, бидејќи сме чисти и неизвалкани. Од безмилосниот грабеж имаме сиромаштија, малите и средни претпријатија немаат фер шанса да преживеат, немаме независни институции, немаме заштита на државните интереси. Да не заборавиме никогаш, дека и уставното име го изгубивме (засега), поради корумпирани и уценети политичари. А за да го искорениме незнаењето од политиката и од институциите, секој вистински стручен човек, без разлика од неговата партиската книшка, ќе има подеднаква шанса да раководи. Мала земја сме за да ги бркаме најдобрите стручњаци на пат во еден правец или да ги делиме на „наши” и „ваши“. 

Ова ниту една друга партија не е во состојба да го направи бидејќи се храни и расне врз корупција и присвојување на институциите. А токму во тоа е клучот за нормализација на државата.

Глас за Македонија е глас за заштита на традиционалните вредности со прифаќање на современите, прогресивни трендови и стандарди. Глас за демократија, глас за слобода, правда, еднаквост, и солидарност. Глас за Република Македонија со силни, независни и ефикасни, непартизирани институции кои уживаат доверба кај граѓаните. Држава која ќе ја гарантира еднаквоста на сите граѓани преку владеење на правото и доследно почитување и спроведување на законите. Над се, Глас за Македонија è – и ќе остане на браникот на македонските национални интереси!

Здружувањето во Глас за Македонија е природен и логичен рефлекс на луѓето кои не само што чувствуваат, туку и се сосема убедени дека нашата држава е систематски претворана во „небиднина“. Мора итно да тргнеме по сосема различен пат, затоа што сегашниов, очигледно и без сомнеж, не води кон бездна. Во изминатите две години ваквото владеење, овој танц на волците кои само ја менуваат својата кожа, но не и својата суштина, конечно не доведе и до срамен историски пораз. Тие, во својата немоќ да направат нормална, богата, правна и праведна држава,  мислат дека нашиот замислен „светол пат“ треба да води преку понижен, дури и избришан македонски народ, јазик, историја и култура. Толку знаат, толку ценат, толку и можат.

Ние не мислиме така и нема да биде така! Нашата борба која започна со бојкотот на референдумот, допрва ќе прерасне во борба за враќање на се она што го изгубивме со срамните, асиметрични договори. Нашето право како народ на самоопределување, е врвна меѓународна норма. За него ќе се бориме и таа битка ќе ја добиеме. Во моментот кога ќе ги тргнеме марионетските, корумпираните структури и кариеристи кои не понижија најмногу сега, но да не се лажеме, и во децениите наназад, нашите универзални права ќе бидат прифатени од сиот слободен и цивилизиран свет. Тоа ќе се случи кога ќе имаме храброст на волците да им ја одереме кожата за да останат разголени пред целиот народ кој е ЕДИНСТВЕНИОТ суверен во државата.

Република Македонија е во историско премрежје на сличен начин како што била и во 1903 и во 1941 година. Ако 2018/2019 беше годината на голем политички пораз за Македонија, беше и година на јасно и цврсто искажано „не“ на над 80% Македонци и други етнички заедници, кои застанаа во одбрана на својата макотрпно создадена татковина. Тоа го ценам и им се поклонувам. Ете тоа е историја! Ние како партија бевме на чело на фронтот кој се бореше да допре алармот до секој град и село. Ајде сите заедно, годините кои следат да ги претвориме во наша надеж, наша борба, наш триумф. Ние знаеме, ние можеме, непоколебливи сме, нашата љубов кон татковината е неизмерна. Од таму ќе ги исцрпиме сите решенија кои, верувајте постојат. Веќе сега формираме тим од врвни експерти кои се спремни, по промената на власта да се зафатат со правна битка за раскинување на овој погубен договор.

Нема да дозволиме да влеземе во историјата на исчезнатите цивилизации како народ кој самиот себе се укинал, како народ кој самиот себе не се сакал доволно, како народ што сакал да биде нешто друго, од тоа што веќе е. Нашите предци знаеле дека сме мал, но горд Европски народ, народ од светот на цивилизациите.

Ќе бидеме ли пример за современ модел на геноцид, без насилство? Секако нема.

На сите странски претставници кај нас им порачувам дека нивните големи интереси  мора да ги решаваат така што ќе ја имаат во предвид македонската приказна, затоа што секогаш кога македонскиот народ бил изоставен, тоа било на општа штета. Тоа го зборувал и пишувал и Крсте Петков Мисирков и плејада на наши видни учени преродбеници. Денес, недоветни, неморални, алчни, полуобразувани политичари насила го свртеа тркалото на историјата и не вратија на почетоците на создавањето на македонска национална посебност и самосвест.

Не е лесно и никогаш не било, кармата ни е таа и секогаш била истата и ние успешно со неа се носиме низ вековите. Нема причина сега, кога имаме своја држава, да потклекнеме.

Во кој политички амбиент се роди ГЛАС за Македонија?

Како што полно пати сум изјавила партиите на власт кои се менуваат циклично со променети лидерства од осамостојувањето до денес, не доведоа до работ не само на сиромаштијата, туку на работ на опстанокот на државата Република Македонија. Се однесуваат како егиостични деца, како деликвенти кои на крајот ќе ја изедат својата мајка. Сите можни показатели ни го потврдуваат ова. Во 2017 година дотеравме до стапка на раст на економијата од 0%. Просечната вредност на композитниот индекс на квалитетот на владеењето и институциите во 2016 за нашата земја беше негативен (-0.7), наспроти +0.5 на земји споредливи со нашата. Македонија води во корупција, сиромаштија, лошо образование, загадување, невработеност, си поигруваат со редефинирање на државата, дури ја преименуваа, а нас не обезличија. Општа распродажба на се што сме стекнале со љубовта, знаењето и мудроста на постарите генерации. Тие заедно, ги срушија сите референтни системи, влегуваат во политика само за да се збогатат, подгазуваат под себе судови, медиуми, институции, создаваат атмосфера на страв и вазална послушност. Нема ниту еден функционален систем, ниту една здрава институција. Немаме задоволни граѓани! Блоковите кои ги споменувам погоре и од кои ги береме „горчливите плодови“ на ваквото живеење, нема да се демократизираат и реформираат. Владеат на ист начин, само книшките се менуваат. Одамна немаат ниту јасна идеолошка матрица. Нивната природа на бизнис здруженија не може поинаку. Од тоа се хранат, од тоа владеат и нема да се променат.

Но, проаѓа времето на уценети политичари од кои завршивме како грубо уценета држава. Заминува и времето на популисти кои ветуваат брда и долини, а имаат празни каси; тие се соголени пред народот.

Почитувани, на државата и треба целосен ремонт. Само луѓе наоружани со знаење, повторувам со знаење, со љубов кон татковината, со посветеност, со работа, без криминални хипотеки, со храброст, можат да направат драматични промени.  Дојде време да се понуди пот, чесна работа и многу знаење. Не ни се потребни гломазни партии со клиентелистичко членство, но здружување на умни и посветени луѓе кои утре ќе ја вртат силата кај народот, како во вистинска демократија. Граѓанинот не смее да биде само гласач на избори. Тој треба да има инструменти со кои ќе одлучува, контролира, предлага. Ние ќе му ги вратиме изгубените права.

Дојде време за трет пат, за нови луѓе. Камбаните ги бијат последните ѕвона за спас. Од нас зависи.

Никој не може државата да ја уредува подобро од нас самите, а воедно и ние самите мора да разбереме дека Македонија нема веќе капацитет за нејзина злоупотреба за лични цели и корист. Македонија повеќе  не може да биде мајка на егоистични деца.

ГЛАС за Македонија како модерна, демократска партија која политички се позиционира во центарот поддржува еднакви можности и економска слобода. Центристите, иако се баланс помеѓу екстремните политички крила на лево и десно, тие секако не се мешавина од нив. Имаат сопствени јасно изградени политики, во чиј фокус се:

Реални, а не идеолошки решенија за реални проблеми, балансиран буџет, еднакви можности со нагласка на личната одговорност, децентрализација на моќта на власта, стимулирање на јавно-приватни партнерства и посебно на мали бизниси, правна држава и правна сигурност, инвестирање во човечкиот капитал,  заштита на социјалниот капитал, заштита на природните богатства и на животната средина. Над се, безпоштедна борба со корупција и департизација на институциите. Луѓето треба да разберат дека всушност партизацијата на општеството е највисок вид на корупција. Со други зборови, тоа е трет пат кој промовира економски раст и богатство, но се залага истовремено и за поголема социјална правда, а државата ја смета како одговорна за овозможување на овие политики.

На парламентарните избори 2020 излезете масовно да кажете „не“ на згазеното достоинство и сиромаштијата. Верувајте силно во големите промени кои ќе ги правиме заедно!

Токму Вашиот глас ќе и даде шанса на Македонија!

Да ни е вечна Македонија, модерна и држава на задоволни луѓе!

 НАЦИОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ

  • Враќање на АСНОМ-ска Македонија во преамбулата на Уставот
  • Штетните договори ќе бидат еднострано раскинати
  • Неприменување на Преспанскиот договор за домашна употреба, како прв чекор
  • Постапка пред ООН за запишување на државата под името: „Република Македонија“
  • Нема повеќе соседи кои не го признаваат постоењето на македонската нација и јазик, да ни пишуваат наша историја
  • Македонскиот јазик е единствен службен јазик на целата територија на државата
  • Обновување и отворање на нови лекторати за македонски јазик
  • Заштита на националните ресурси: нема концесии на странски компании за искористување на водите, рудите, минералните суровини и другите природни богатства

 ПРАВОСУДСТВО И БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

  • Државна ревизија, силен и независен ревизор за криминалната приватизација и денационализација; овие процеси ќе се отворат, а жртвите ќе доживеат конечно задоволување на правдата
  • Носење Закон за потекло на имот
  • Носење Закон за конфискување на нелегално стекнат имот
  • Криминалците зад решетки, парите назад во народната каса
  • Нема застарување на ниту едно кривично дело, ниту застарување на одлежување на затворска казна
  • Забрана на вршење на политичка функција и јавна функција, како и забрана за вработување на државната и јавната администрација во случаите на злоупотреби на службената положба и овластување
  • Креирање на нова законска и институционална рамка која ќе оневозможи злоупотреби во системот на јавните набавки
  • Целата тендерска документација на увид на јавноста
  • Задолжително пристапување кон целосна реформа на Јавното обвинителство со цел поефикасно гонење на високопрофилираните случаи на организиран криминал и корупција
  • Укинување на привилегиите и бенефициите за носителите на јавни функции, унапредување на системот на надзор над веродостојноста на податоците во анкетните листови за имотната состојба на носителите на државни и јавни функции, воведување на заострени казни во случај на некредибилност и ненавремено ажурирање на релевантните податоци, зголемување и ефикасност во надзорот над начинот на финансирањето и финансиско-материјалното работење на политичките партии од страна на Државниот завод за ревизија
  • Народот ќе го избира Државниот јавен Обвинител на непосредни избори
  • Воведување граѓански модел на контрола над работата на судиите и обвинителите
  • Носење на Закон за Уставен суд
  • Воведување уставна жалба/тужба како механизам за заштита на човековите слободи и права пред Уставниот суд
  • Преиспитување и рационализација на постојната судска мрежа
  • Воспоставување на државен орган за извршување на судските пресуди
  • Целосно менување на казнената политика на државата и промоврирање на пробацијата и алтернативните мерки на извршување санкции и креирање политики на ресоцијализација и интеграција на поранешните осуденици и намалување на рецидивизмот
  • Јакнење на независноста, ефикасноста и капацитетите на сите релевантни чинители во антикорупциската сфера (Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција, Управата за перење пари и Агенцијата за управување со конфискуван имот)
  • Превенција на коруптивните практики преку воведување на антикорупциска едукација во рамките на образовниот процес и соодветни медиумски кампањи

 ПРОМЕНИ ВО ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ

  • Македонија, една изборна единица
  • За секоја промена во Уставот, народот ќе одлучува на задолжителен референдум
  • За секое барање за отповикување на Владата се распишува задолжителен референдум
  • За секое законско решение, народот по собрани 25.000 потписи во рок од 6 месеци, може да одржи референдум и да го промени законското решение (народни референдумски инцијативи)
  • Отповикливост на функционери, со законски утврдени критериуми; оној кој го избира функционерот, може и да го отповика
  • Намалување на бројот на министерства, бројот на пратеници,
    советници итн.
  • Мал и ефикасен државен апарат

ДЕПАРТИЗАЦИЈА

  • Нема повеќе партиски директори на јавните претпријатија
  • Ќе овозможиме целосен систем на јавна контрола на јавните конкурси
  • За таа цел ќе го промениме Законот за јавни претпријатија
  • Без разлика на имањето или не на било која партиска книшка, на секој со професија и знаење ќе му се даде подеднаква шанса за вработување и напредување во кариерата
  • Ќе ги исчистиме јавните претпријатија од коруптивни тендери и однесување
  • Ќе се намали бројот на непотребни агенции, измислени за тошење на народни пари
  • Јавната администрација мора да се намалува секоја година за 10%, до најмногу 30%. На вишокот административни работници ќе им се понуди можност за работа по моделот јавно-приватно партнерство
  • Најмногу два мандата за секој функционер; потоа истиот се враќа на својата професија
  • Ќе се намали бројот на функционери на секое ниво
  • Привилегиите ќе се намалат: еден функционер, една плата, без хонорари
  • Патните трошоци за сите функционери, вклучително пратениците ќе се преполоват
  • Бројот на службени возила ќе се намали за една половина
  • Членството во Надзорни и Управни одбори ќе се третира како општествено полезна работа и нема да се добиваат хонорари за тоа
  • Бројот на советници на премиерот ќе биде најмногу 20

 ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА

  • Граѓанинот како извор на суверенитетот –измени и дополненија на Изборниот законик, со кои ќе може на иницијатива на граѓаните да се отповикуваат пратениците на Собранието, советниците на општините и на Град Скопје, доколку недоследно, непринципиелно и незаконски ги вршат своите обврски
  • Политички плурализам, слободни и фер избори –воведување изборен модел со една изборна единица и отворени листи, еднаков пристап на партиите до изворите на финансирање и медиумите за нивно претставување, реформирана и професионализирана Државна изборна комисија составена од правни експерти, наместо партиски претставници.
  • Поделба на власта и демократска политичка контрола на власта – јавност и поефикасна политичка контрола над работата на Собранието, преку создавање отворени канали на комуникација со медиумите, граѓаните и невладините организации, и неменување на начинот и процедурата на избор на Претседателот на државата (непосреден избор од страна на граѓаните)
  • Независни и ефикасни институции, отворени и одговорни пред граѓаните – намалување на бројот и рационализација на министерствата и другите органи на државната управа, како и намалување на бројот на избрани и именувани функционери, и избор на носителите на државни и јавни функции врз основа на објективни критериуми (професионално знаење и искуство, морален кредибилитет и интегритет на личноста)
    • Човековите слободи и права – еднаков пристап на сите граѓани до секое работно место и до секоја јавна функција, градење систем на кариера и заслуга („мерит систем“) и прекин на праксата на партиски вработувања и унапредувања; задолжително целосно гарантирање на приватноста на граѓаните преку заштита на личните податоци и ограничување на можноста за противзаконско следење на комуникациите; унапредување на работничките права водијалог со синдикалните организации и работодавачите; поефикасно спроведување на трудово-инспекцискот надзор; унапредување на правата на лицата со попречености и посебни потреби; проактивна улога на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот при Собранието.

 ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС

  • Јакнење на националната економија
  • Правна држава и правна сигурност за сите деловни и физички лица
  • Одредување на приоритетни гранки кои имаат најголем потенцијал за националната еконимија: производство на храна, туризам и угостителство, занаети, услуги, информатички технологии, уметности,…
  • Акцент на регионален развој со ползување на регионалните предности и ресурси
  • Изработка на стратегија за организирање на работата на малите и средните претпријатија преку отворање на Секретаријат при Министерството за Економија кој ќе го сочинуваат личности делегирани од здруженијата на еснафите и експерти од соодветните области: корпоративен менаџмент, продажба, интернет продажба, маркетинг, едукација, пласман на странски пазари. На овој начин еснафите и експертите директно ќе се вклучат во дизајнирање на мерките, нивно ефикасно спроведување како и контрола на работата и финансиите.
  • Отворање на регионални канцеларии за помош на малите бизниси како поврзувачи на локалните бизниси помеѓу себе, како и бизнисите со Секретаријатот, вид на локални центри на соработка организирани од Секретаријатот. Тие ќе спроведуваат бесплатен (или финансиран преку процент од продажба) професионален систем на Обуки за производство, совети во производството, совети за човечки ресурси, водење на бизнис, планирање, соработка, развивање на бренд, маркетинг, продажба,
  • Консалтинг, стручен, економски и правен, за работа со банки, користење на фондови, склучување на договори и сл.
  • Хардверска поддршка – во вид на набавка и одржување на опрема која би ја изнајмувале повеќе мали произведувачи, помош со организација на транспорт и дистрибуција на роба, групно обезбедување на сезонски работници, изнајмување на магацински простор, ладилник, отворање на продажни места каде ќе се продаваат производите на членките, интернет продажба, доброволна работа преку лето на ученици и студенти – односно активности во зависност од дејностите кои се доминантни во регионот.
  • Организација на активности кои би допринесувале кон приближувањето и поттикнувањето на духот на соработка на локално ниво но и промоција на локалната економија пошироко преку организирање сезонски фестивали, промоции, настапи на саеми во странство
  • Засилување и одржување висок степен на фискална слобода преку лесен начин на пресметување и плаќање даноци
  • Ограничување и намалување на непродуктивните расходи, за сметка на капиталните инвестиции
  • Воведување фискално правило според кое стапката на годишниот буџетски дефицит (а преку него и големината на јавниот долг) ќе биде помала од стапката на растеж на бруто домашниот производ (БДП) на земјата
  • Интензивирање на активностите за подобрување на инфраструктурата во земјата (патишта, железници, електроенергетска мрежа,…)
  • Малите и средни претпријатија (МСП) – столб во идниот модел за развој на македонската економија
  • Врзување во синџири на работа на големите со малите и средни претпријатија, како должност на соодветните министерства
  • Стимулирање на отворање на startup фирми кои две години ќе бидат ослободени од давачки кон државата; маркетингот за овие нови, мали фирми ќе е помогнат од соодветното министерство и ќе биде бесплатен
  • Зголемување на ликвидноста преку навремено исплаќање на побарувањата за МСП, скратување на рокот за наплата на 15 дена; истото ќе важи и за јавните претпријатија кои им долгуваат на МСП
  • Диверзификација на производството на стоки и услуги што се нудат на домашниот, а кои би можеле да се нудат и на странските пазари
  • Стимулирачки мерки за постојните и новите фирми во областите на услугите, земјоделството, конкурентските индустрии (особено на преработувачката индустрија)
  • Стимулирање на прехрамбена преработувачка индустрија
  • Создавање македонски економски брендови од постојни и од нови иновативни производи (галички кашкавал, беровско сирење, мед, земјоделско-прехрамбени специјалитети, ќилими, филиграни, везови, Е-бизнис,…)
  • Зајакнување на капацитетите на училиштата за занимања и нивно  преструктуирање во образовниот систем
  • Обезбедување бесплатен маркетинг на странските пазари од страна на државата за уникатните македонски брендирани производи
  • Развивање деловна клима за привлекување странски и домашни директни инвестиции; осбено поттикнување на странските директни инвестиции (СДИ) кои ќе отвораат истражувачко-развојни центри за ангажирање на млади стручни и научни кадри од Македонија, како и СДИ кои своите добивки ќе ги реинвестираат во Република Македонија
  • Поповолни услови за инвестиции за домашните и инвеститорите од дијаспората
  • Посебна фискална и институционална поддршка на градежните компании за нивно настапување на регионалните тендери (пазари)
  • Мерки за зголемување на понудата и потрошувачката на домашни производи
  • Субвенционирање на домашното производство на стратегиски стоки и услуги, како замена за исти или слични производи што се увезуваат од странство
  • Стимулирање на автохтоните сорти на земјоделски производи и гарантирање на сигурен пласман
  • Отворање на откупно-дистрибутивни центри за планирање, откуп, сортирање, ладење, доработка и дистрибуција на земјоделско – прехрамбени производи
  • Поттикнување на алтернативни извори на енергија: изградба на нови национални хидроцентрали и на мали куќни хидроцентрали и водоснабдителни станици, изградба на ветерници, фотоволтаични системи, засилено воведување и проширување на гасификациската мрежа во земјата до целосна гасификација
  • Изградба на карго аеродором
  • Ефекти – воспоставување и одржување макроекономска стабилност, како услов за иден долгорочен, траен и одржлив стопански растеж на Република Македонија.

 ОБРАЗОВАНИЕ

  • Изработка на стратегија за образование чии цели се оформувањена самостојна личност со правилна образовно-професионална ориентација, користејќи образовно воспитни методи од најрана возраст, кои имаат за цел да: иницираат љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност, соработка и претприемнички дух. Оваа стратегија треба да биде градена со холистички пристап. Неопходно е да се земат во предвид и спецификите на културното наследство и традициите на поднебјето, новите технологии и потребите на глобалниот пазар на труд и човечки ресурси. Оттука произлегува дека е потребно да се тргне од темелот – од моралот и етиката.
  • Градење на единствен модел на задолжително десетгодишно образование, со функционално поврзување на основното и средното образование
  • Флексибилно стручно образование, хармонизирано со пазарот на труд, преку концептот на дуално образование; барем 30% од наставата мора да е практична настава
  • Ширење на мрежата на воспитно – образовни институции за децата од предучилишна возраст преку: отворање на нови градинки со изградба или адаптација на постојни објекти, поттикнување разновидни форми на предучилишно образование за деца до 6 години (работа по скратени програми за полудневен или двочасовен престој во градинките), организирање на подвижни градинки во руралните места и помалите населени места, субвенционирање на различни модели на опфат на деца како приватни градинки
  • Создавање услови за далечинско учење, доживотно учење и образование за возрасни, брза преквалификација, стимулирање на изучувањето на занаети, претприемнички вештини, Е-бизнис
  • Изучување и негување на македонскиот литературен јазик на сите нивоа на образование, независно од јазикот на кој се изведува наставата
  • Доследна примена на растот на платите на наставниците преку законски утврдени коефициенти
  • Годишни акциони програми за професионален и кариерен развој на наставниците и стандардизиран, објективен и непристрасен систем на вреднување
  • Воведување на концептот наставник – волонтер
  • Вработување на нов наставен кадар со селекција од најдобрите студенти и волонтери
  • Изградба на модерен студентски град во Скопје
  • Изградба на модерни студентски домови во Битола, Штип, Тетово
  • Помош во домувањето, сместувањето во студентските и ученичките домови, и субвенционирање во изнајмувањето соби
  • Државата на секој студент кој изнајмува приватно легло, ќе му дава помош од 3000 денари месечно
  • Субвенциониран дневен топол оброк за сите ученици и студенти
  • Државата ќе склучи договори со заинтересирани ресторани кои ќе нудат добар нутриционистички мени за студенти и ученици. Обврска на рестораните ќе биде да подготвуваат оброци од македонски производи
  • Студентска/ученичка карта  за субвенциониран превоз, литература, посети на културни настани и користење на спортски објекти
  • Национален фонд за стипендирање и поддршка на ученичкиот и студентскиот стандард
  • Основање фонд за научноистражувачка дејност
  • Основање фонд за најталентираните студенти во сите области
  • Бесплатен пристап за академската заедница до научни бази на податоци и е-библиотеки од сите области на науката
  • Реформи во начинот на финансирање на високото образование
  • Евалуација според европски стандарди
  • Имплементација на сеопфатен образовен информациски систем
  • Нов сектор во Министерство за образование и наука за анализи и квалитет на образованието
  • Воведување на национални стандарди за избор на професори во наставно-научни звања
  • Воспоставување систем со кој образовните установи ќе го гарантираат квалитетот на своите програми, квалификациите и резултатите од учењето
  • Дигитална продукција на образовни содржини
  • Соработка, инвестирање, учество и стимулација на работодавачите во образованието и обуката
  • Секој правен субјект кој има годишна добивка над 3 милиони евра во денарска противвредност, ќе мора да одвои од добивката најмалку 0.5% за наука и образование

 ЗДРАВСТВО

  • Реформи во здравствениот буџет заедно со одделување на Фондот за здравство (како побарувач на услуги во име на пациентите) и Министерството за здравство-ЈЗУ и ПЗУ (како понудувачи на услуги во полза на пациентите)
  • Реорганизација на Фондот за здравствено осигурување според начелата на задолжително и дополнително здравствено осигурување, со почитување на сите човекови права и слободи за истото
  • Изедначување на јавниот и приватниот здравствен систем на неколку нивоа, со одредување на референтни цени на  услугите, одредување на основи и дополнителни пакети на услугите, и овозможување на доплата со цел поголема достапност на здравствениоте услуги за пациентите, подигнување на квалитетот и поголемо искористување на постоечкиоткадар
  • Воведување посебни протоколи за работа на општите матични доктори и на специјалистите по семејна медицина, со што ќе се обезбеди подобра грижа за пациентите, ќе се избегнат непотребните преупатувања и ќе се минимизира можноста за лекарски превид и грешка
  • Овозможување поволно кредитирање за отворање нови ординации и нивно субвенционирање во почетниот период, со што ќе се овозможи отпочнување со работа на заинтересираните доктори и нивна самостојност, вклучително и на помладиот лекарски кадар
  • Отворање и развивање регионални клиничко-болнички центри според утврдени стандарди, со што ќе се обезбеди поголема достапност на здравствените услуги и нивен поголем квалитет
  • Програма и реформи во здравственото осигурување преку воведување:Прв државен здравствен фонд и Втор приватен здравствен фонд
  • Програми за континуирана едукација на децата и младите во тек на лекувањето
  • Програми за социјална и психолошка поддршка на заболените од малигни и тешки хронични заболувања, како и на нивните семејства
  • Програми за здравствена едукација преку образовниот систем
  • Проект за соработка помеѓу здруженијата и Министерството за здравство

 ЗЕМЈОДЕЛИЕ И РУРАЛЕН РАЗВОЈ

  • Земјоделието како стратешка стопанска гранка – со цел обезбедување на многу повисоко ниво на доход од земјоделските производители, како и на стабилност во обезбедувањето на потребите за храна во Република Македонија
  • Развивање на македонското село како важен фактор во севкупниот развој на Република Македонија – со инвестиции и развој, вклучување на младите во руралниот простор, здружувањето/формирањето задруги и обезбедувањето финансиска и институционална поддршка (ефикасен систем за инвестиции во руралните средини,целосна поддршка за искористување на средставата од ЕУ и други фондови,програми за финансирање, модернизацијата на македонското земјоделско производство преку микрокредитирање, кредити со субвенционирани камати, финансиски лизинг и преку кредитни гаранции)
  • Нема да има ниту едно село без добар пат до него, без сигурен водовод и без енергенси
  • Одржливо, технолошки високо развиено, модерно и конкурентно земјоделско производство, преку формирање земјоделски буџет на ниво на рурална општина и со темелење на земјоделската економија на научно и стручно знаење и стекнати практични искуства
  • Политика на наследување и мерки за окрупнување и консолидација на земјоделското земјиште за долгорочно зголемување на поседот и окрупнување на земјоделското земјиште, како и добивање на површини погодни за имплементација на модерно интензивно производство
  • Помагање на органското производство и производство на веќе заборавените автохтони сорти – финансиска помош од државата при постапкита за конверзија на почвата, одгледување на семето и садниот материјал, како и приплодни животни за органско производство; поддршка на сертификацијата на производството и производите од органското земјоделство, промоцијата и извозот на органските производи; производство на органски биолошки ѓубрива и биолошки средства за заштита на растенијата; воведување на органски произведена храна во болниците, градинките и училиштата; субвенционирање за отварање на посебни органски ресторани во руралните и урбаните туристички места.
  • Ќе се изгради карго аеродром за брз транспорт, посебно на рано градинарските производи
  • Слободните и погодни за обработка парцели, кои се сега во владение на државата приоритетно ќе се доделуваат за обработка и производство на земјоделси производи;тоа ќе биде бесплатно, како и обезбедувањето на семенскиот материјал/расади  и ѓубривата во првите две години
  • Строга контрола на ѓубривата и пестицидите кои се употребуваат во соработка со Земјоделските факултети

 ЕКОЛОГИЈА – ПРОГРАМА ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ

  • Гасификација на целата држава
  • Мерки за намалување на загадувањето од транспортот
  • Изградба на брз и модерен трамвај во Скопје
  • Подобрување на јавниот градски транспорт, воведување во градови и села каде не постои сега и стимулирање на неговата секојдневна употреба
  • Две модерни железенички линии, со брзи возови
  • Ограничување на употребата на автомобили со високи емисии
  • Стимулирање на употреба на автомобили со минимални емисии
  • Категоризација и зони со ниски емисии
  • Динамично регулирање на брзината на движење во зависност ог загадувањето
  • Модернизацијанаулиците и канализацијата
  • Редовномиењенауличнитеповршини
  • Селекција на отпадот во целата држава
  • Изградба на 4 модерни регионални депонии
  • Стимулирање на инвестиции за рециклажа на отпадот
  • Строга забрана за увозен отпад
  • Мерки за намалување на загадувањето од домашно греење: Ширење на мрежата на Топлификација; Гасификација на домаќинствата; Строги стандарди за користење на дрва и јаглен; Инкриминација на палењето на гуми, облека, пластика, кабли, масла…
  • Програма за помош за замена со еколошки начин на топлење; Енергетски ефикасни згради
  • Мерки за намалување на загадувањето од индустријата: Контрола врз големите загадувачи
  • Нема да имадиви депонии; Политика на нула одпадоци
  • Зелени појаси во близина до фрекфрентни булевари
  • Нови паркови, нови зелени површини секаде каде е возможно
  • Стимули за енергетска ефикасност, зелени фасади и покриви
  • Соработка со градовите-пионери во сферата на борбата со загадувањето
  • Информативни мерки – Проширување на мрежата од станици за мерење на квалитетот на воздухот; Систем за рано предупредување и прогнозирање на загадувањето; Изработка на конкретен План за дејство при значително загадување; Отчетност и претставување на резултатите секоја календарна година; Образовни програми и кампањи за подигнуање на свеста.

 ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ

  • Максимално намалување на сиромаштијата во сите нејзини форми насекаде во Македонија
  • Обезбедување безбедност на храната и промовирање одржливо земјоделство
  • Обезбедување пристап до прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите
  • Промовирање одржлив и инклузивен економски раст
  • Урбано и просторно планирање за хуман и рамноправен живот на сите граѓани, во хармонизација со природната средина
  • Заштита, обновување и промовирање на одржливо користење на копнените екосистеми, одржливо управување со шумите, борба против опустинување, запирање и враќање на деградацијата на земјиштето и запирање на загубата на биодиверзитетот
  • Одговорен и правилен менаџмент со природните ресурси на Република Македонија – евиденција, мапирање, заштита и одржливо користење
  • Управување со хемикалии и целиот отпад, како и значително намалување на производството на отпад преку рециклирање и други мерки.

 КУЛТУРА И УМЕТНОСТ

  • Заштита и афирмација на културното и националното богатство: Културното наследство е главниот столб, симбол и синоним за еден идентитет и затоа императивно значење даваме на реформата на системот на заштита на спомениците на културата одматеријална и духовнаприрода, од примена на непосредната заштита врз движното и недвижното културно добро, неговото евидентирање, документирање, валоризирање, конзервирање и презентирање.
  • Создавање услови во кои културата ќе може да биде и извор на егзистенција (надвор од буџетските корисници)
  • Културен туризам – инвестирање во големиот неискористен потенцијал што го има Република Македонија, со користење на странски искуства и консолидирање на стратегијата за развој на овој вид туризам, со што ќе се проширува социјалната основа на културата, ќе се подобрува стандардот на населението и културата на живеење
  • Креативни индустрии – поврзани со културно алтернативниот туризам, ќе го поттикнат развојот на применетата уметност и обновувањето на старите занаети и вештини
  • Поврат – реституција на културното наследство изнесено надвор од државата: Недоволната и неефикасна грижа за културното наследство, доведе до тоа вредни артефакти (икони, монети, други археолошки предмети) да се шверцуваат и продаваат на меѓународниот пазар, а дел од тоа да се користи и за ретуширање на историјата. Ќе се заложиме тие скапоцени предмети да се вратат таму каде што припаѓаат, во нашата држава
  • Јакнење на основните институции во културата – со обезбедување современа опрема и квалитетен кадровски состав, при што меродавни ќе бидат само професионалните способности и одговорното работење, како при оценка на постојниот кадар, така и при новите вработувања и напредувањето на кариерата
  • Специјални фондови за младите таленти – истакнатите уметници ќе бидат следени, поддржувани и поттикнувани во себереализирање до врвовите на уметноста, а со тоа ќе ја афирмираат и Република Македонија низ светот
  • Воспоставување резиденцијални објекти за размена на уметници – во адаптирани/конвертирани објекти со културна и историска вредност, ќе функционираат преку посебни проекти и програми финансирани од државата
  • Целосно отстранување на партиски, субјективни и други пристрасни влијанија при државното финансирање на проекти од областа на културата и уметноста

 МЕДИУМИ

  • Целосна деполитизација, департизација и декриминализација на медиумите во Македонија, како еден од носечките столбови на секое демократско општество
  • Темелни реформи на законската регулатива за медиумите и медиумските услуги
  • Преиспитување на финансирањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, преку сведување на оптимално и реално работење согласно економската состојба на државата
  • Безусловно почитување на македонскиот културен идентитет односно неговиот говор, јазик и писмо
  • Воведување државна легитимација за секој медиумски работник, како мерка за враќање на професионалноста на медиумските работници
  • Строго почитување на работничките права на медиумските работници
  • Почитување на регулативите за авторски права од страна на медиумските субјекти, како и од нивните коминтенти
  • Воведување инспекција на маркетинг агенциите заради слободно и реално движење на рекламниот капитал и промотивно работење
  • Ограничување на политичккот маркетинг исклучиво во предизборни кампањи, и одвојување минимален простор за промоција, по симболична сума, како надомест за медиумите

 РОДОВА ПОЛИТИКА

  • Жените и човековите права – Едукација за женските човекови права; Промовирање на женските човекови права; Заштита на женските човекови права; Заштита на социјалните права на жените; Обезбедување заштита на жените од сите видови насилство
  • Жените во економијата – Елиминирање на поделбата на професиите според пол и возраст; Ефективно користење на буџетските средства за влијание на популационите состојби; Зголемувањето на можностите за учество на жените во технолошките, информатичко-комуникациските процеси и истражувањата; Поттикнување и развој на женското претприемништво; Валоризација на трудот на жените во аграрниот сектор
  • Жените и здравјето – Целосна здравствена заштита на жените и постојан пристап до здравствените услуги; Креирање квалитетни превентивни програми за заштита на здравјето на жените; Преземање иницијативи за заштита на здравјето на жените по однос на полот; Обезбедување здравствени услуги во сите делови на државата; Вложување во истражувања и ширење информации за здравјето на жените
  • Жените и сиромаштијата – Преку истражувања и стручни анализи, утврдување на причините за сиромаштија на граѓаните на Република Македонија, со посебен акцент на жените; Национална стратегија за решавање на структурното насилство како еден од причинителите на сиромаштијата; Политики со кои сите жени се обезбедуваат со адекватно социјално и економско осигурување при невработеност, мајчинство, болест, инвалидност и старост; Директна државна интервенција за искоренување на сиромаштијата; Креирање системи за обезбедување приходи за живот, мерки за преживување и организации за самопомош
  • При развод, државата редовно исплаќа алиментација, а потоа државата ја наплаќа од разведениот брачен другар. Нема неисплата, нема фалсификат прикажани примања на обврзаниот за исплата, нема доцнење на исплатата
  • Жените и образованието – Создавање недискриминаторско образование и обуки; Подобрување на можностите на жените до научните истражувања, информатичката технологија и стручната обука; Обезбедување средства за следење на имплементацијата на образовните реформи; Промовирање на доживотното образование и обука на жените; Информирање на жените и девојчињата
  • Жените во политиката и одлучувањето – Измени на изборниот систем; Доследно почитување на законската регулатива; Преземање мерки за пристап на жените и нивно учество во структурите на моќ и одлучувањето; Зголемување на способностите на жените за активно учество во политиката и преземањето лидерски позиции; Создавање национални и локални механизми за политичко унапредување на жените; Вклучување на жените во одлучувањето за животната средина на национално и локално ниво; Инкорпорирање на половите перспективи во јавните политики и програми за одржлив развој
  • Жените, мирот и безбедноста – Вклучување на жените во процесите на разрешување конфликти и спорови од внатрешна и надворешна природа; Зголемување на трошоците за едукација за мир; Промовирање на ненасилните форми на разрешување на споровите и конфликтите со учество на жените; Истакнување на значајната улога на жените во придонесот кон промовирање култура на мир
  • Жените и медиумите – Зголемување на учеството на жените во медиумите во својство на креатори на медиумската политика; Промовирање на нестереотипно претставување на жените во медиумите; Финансиска поддршка на жените кои ќе инвестираат во медиумите и комуникацијата; Медиумите промотори на жените
  • Жените и спортот – Воспоставување позитивни културни ставови и практики во однос на девојчињата и жените во спортот; Поддршка на девојчињата во спортот; Креирање можности за претприемништво во спортот; Креирање фискални олеснувања и ослободувањa од одредени давачки со цел поддршка на женскиот спорт; Создавање програми за поддршка на спортски судијки, тренерки и спортски новинарки

 ОДБРАНА И БЕЗБЕДНОСТ

  • Донесување нов Закон за Агенција за разузнавање. На глобално ниво драстично е променет каталогот на безбедносни ризици и закани. Постојниот закон не е компатибилен на новата безбедносна парадигма.
  • Донесување посебен закон за Воената служба за безбедност и одбрана. Имено, во последниот реформски процес за оваа служба не е обезбедена посебна позиција  во организациониот безбедносен дизајн и истата има статус на служба – сектор со нејасно дефинирани овластувања.
  • Донесување Закон за вонредна состојба и формирање на национално тело за вонредна состојба со јасно утврдени надлежности и временска рамка на функционирање.
  • Донесување Закон за демократска контрола на одбранбениот и безбедносниот систем.
  • Донесување Закон за демократска и цивилна контрона на приватниот безбедносен сектор и приватната безбедносна индустрија.
  • Донесување Национална стратегија за професионализација и департизација во функционирањето на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи како клучни институции во оваа област, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и другите  безбедносни институции кои функционираат на територијата на државата;
  • Јакнење на буџетите за одбраната и безбедноста како гаранција за унапредување на нивното професионално ниво, интегретитет и достоинство;
  • Борба против корупцијата во одбранбените и безбедносните институции и ефикасни резултати во таа борба;
  • Предлагање програма за редовни, континуирани обуки за припадниците на полициските и безбедносните сили за секоја измена и дополнување на законите поврзани со нивното работење со цел да се обезбеди солидна основа за примена на нивните законски овластувања;
  • Обезбедување на владеење на правото во областа на одбраната и безбедноста на сите нивоа на организациониот дизајн;
  • Ревизија на Долгорочниот план за развој на одбраната – 2014-2025 како основен документ за реформа;
  • Ревизија на Стратегијата за развој на глобалниот комуникациско-информациски систем во МО и АРМ;
  • Ревизија на Планот за дивестирање на несуштинските објекти во МО и АРМ;
  • Анализа на придонесот и учеството на Република Македонија во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и промоција на овие активности во јавноста со цел јакнење на безбедносната култура и свест кај нашите граѓани;
  • Инклузија на академската и експертска заедница во донесување на национална стратегија за развојот на одбранбениот систем после влезот во НАТО;
  • Ревизија на системот за повеќегодишно планирање, програмирање и извршување на буџетот  – во рамките на оваа методологија како и на поделбата на проектираните буџетски категории;
  • Подобрување на финансиската структура и средства потребни за покривање и зголемување на трошоците на нашите мисии во странство;
  • Основање фонд од Буџетот за подобрување на мотивацијата и унапредување на воспоставената структура на воениот персонал, унапредување на статусот на професионалните војници после завршување на нивната служба во МО, јакнење на системот на кариера во Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, но и во останатите институции на безбедносниот систем;
  • Новата позиција на Министерството за одбрана и АРМ  во контекст на  оствареното членство во НАТО;
  • Унапредување на концептот Министерство за одбрана во заедницата и полицискиот концепт на работење во заедницата;
  • Транспарентност во прикажувањето на Регистар на склучени договори од страна на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, но и во останатите институции на безбедносниот систем;
  • Транспарентност во прикажувањето на податоците за просечна плата според стручна подготовка/звање во областа на одбраната и безбедноста;
  • Јакнење на превентивните механизми во работењето;
  • Почитување на човековите слободи и права од страна на припадниците на безбедносниот систем.

 ДИПЛОМАТИЈА

  • Воспоставување на систем на континуирана едукација на дипломатскиот кадар – Основање на дипломатска академија со вклучена практична работа од три месеци во дипломатско-конзуларните претставништва на РМ во други држави во текот на летниот период; Обука на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва кои не се именувани од редот на дипломатскиот кадар; Задолжително изучување на јазикот, историјата, политичкиот систем и културата на државата во која се именувани, за што дипломатите ќе бидат подложени на тестирање
  • Ревизија и унапредување на законот за надворешни работи – Реорганизација на министерството за надворешни работи; Промена на соодносот на дипломатскиот и недипломатскиот кадар при предлагање и именување на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва; Овозможување на дипломатите во министерството за надворешните работи и дипломатско-конзуларните претставништва напредок во кариерата врз основа нивните постигнувања, вештини и способности
  • Намалување на нефункционалноста на дипломатите преку поактивно учество и одговорност – Поднесување на обврзувачки нацрт-план и програма според која планираат да работат и да ја претставуваат државата пред отпочнувањена мандатот и истата треба да биде одобрена од претседателот на државата и министерот за надворешни работи; Престанок на функцијата на дипломатите кои недолично ја обавуваат својата работа, или кои на било кој начин го нарушуваат угледот на државата; Евалуација на работата на дипломатскиот кадарво дипломатско-конзуларните претставништва на секои шест месеци, до завршувањето на мандатот, при што ако дипломатите не ја обавуваат функцијата соодветно ќе бидат заменети во најкус можен рок
  • Одговорно водење на дипломатско-конзуларните претставништва – Формирање на тело во рамките на МНР кое ќе ја оценува ефикасноста на дипломатскиот и административно – техничкиот кадар во дипломатско-конзуларните претставништва преку интерна контрола и преку создавање на биро за жалби во секое дипломатско-конзуларно претставништво; Утврдување на реалните потреба од постоечките дипломатско-конзуларни претставништва; Утврдување на потребата од отворање на нови дипломатско-конзуларни претставништва или соодветно претставување на државата во други држави преку амбасадори на трети држави, поставување на амбасадори во амбасади на трети држави
  • Домаќинско работење, што значи и повеќето држави кои не се од највисок приоритет за соработка, ќе имаат дипломатски претставници со седиште кај нас
  • Развивање на јавната дипломатија во и надвор од нашата држава – Отворање на културно информативни центри во сите дипломатско-конзуларните претставништва каде македонските иселеници и сите останати ќе можат да ги добијат потребните информации за РМ и секогаш ќе бидат во тек со сите новости и случувања; Формирање на економски оддел во секое дипломатско – конзуларно претставништво за потребите на македонските компании; Промовирање на културна размена со другите држави преку размена на студенти, овозможување на пракса на наши студенти во странство и обратно, претставување на македонската култура, јазик и промовирање на македонските производи
  • Овозможување на наследниците на македонските бегалци од Егејска Македонија да се стекнат со право да добијат македонско државјанство; иселениците да добиваат државјанство преку докажано потекло низ генерации, а не преку актуелна адреса на живеење во државата, која повеќето ја немаат.